Во последните 5 години во сите сегменти на осигурувањето во Македонија се забележува континуиран раст. Статистичките податоци на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) покажуваат дека се повеќе граѓани се одлучуваат да си го осигураат својот имот или земјоделските посеви, но во последно време расте и интересот за осигурување на животот кој на годишно ниво има двоцифрен раст, но се уште е многу низок и изнесува скромни 2,6%. Животното осигурување во Македонија е со просечна стапка на раст од 20% на годишно ниво и со тоа ние сме на врвот во однос на земјите од централна и источна Европа, додека во Словенија и Хрватска има пад. Тоа се должи на фактот што граѓаните се повеќе ги прифаќаат бенефитите од животното осигурување бидејќи тоа има штедна компонента и инвестициска вредност и е препознаено од банките во делот на долгорочното кредитирање.
Во последните 5 години во сите сегменти на осигурувањето во Македонија се забележува континуиран раст. Статистичките податоци на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) покажуваат дека се повеќе граѓани се одлучуваат да си го осигураат својот имот или земјоделските посеви, но во последно време расте и интересот за осигурување на животот кој на годишно ниво има двоцифрен раст, но се уште е многу низок и изнесува скромни 2,6%.
- Животното осигурување во Македонија е со просечна стапка на раст од 20% на годишно ниво и со тоа ние сме на врвот во однос на земјите од централна и источна Европа, додека во Словенија и Хрватска има пад. Тоа се должи на фактот што граѓаните се повеќе ги прифаќаат бенефитите од животното осигурување бидејќи тоа има штедна компонента и инвестициска вредност и е препознаено од банките во делот на долгорочното кредитирање. Така, секој потрошувачки кредит над 2 години ќе биде покриен (осигуран) со полиса на осигурување од ризик на смрт на кредитобарателот. Тоа засега кај нас го нуди само Охридска банка - Сосиете Женерал, но постои иницијатива за вклучување на уште две-три банки: НЛБ Тутунска банка, Комерцијална банка и Стопанска банка - изјави Климе Попоски, претседател на Советот на експерти на АСО.
Во земјава четири друштва нудат осигурување на живот и сите се со странски капитал. Од АСО велат дека меѓу нив се води реална конкуренција во привлекувањето на осигуреници. Во 2013 година износот на бруто полисирана премија (БПП) кај осигурувањето живот изнесуваше 729 милијарди денари, во 2012 е 598 милијарди, а во 2011 година била 469 милијарди денари. Пазарни лидери во овој сегмент на осигурување се Кроациа живот со 43,38% и Граве со 43,02% од вкупниот број на осигуреници.
Според податоците на АСО, за 4,5% се зголемила покриеноста со полиси во делот на неживотното осигурување каде лани БПП во овој сегмент достигнала 6,41 милијарда денари, во кој доминира осигурувањето од автоодговорност. Исто така, двојно се зголемени полисите кај земјоделците, а со се поголемиот влез на странски компании и инвеститори во земјава се очекува и силен пораст на бројот на полисите за осигурување на транспорт и на финансиски загуби.
- Зголемената понуда на осигурителни полиси од странски инвеститори е една од причините за раст на нашиот осигурителен пазар, бидејќи го препознаа потенцијалот. На тоа му кумува и подобрената финансиска едукација на граѓаните, но и макроекономската стабилност на земјава изразена преку ниската инфлација и стабилниот курс на денарот - вели Попоски.
За да се одржи ваквата стабилност, странските експерти советуваат да се зајакне супервизијата.
- Една економија може да се развива ако има силен осигурителен пазар. Супервизијата на осигурувањето е особено важна, бидејќи во дел од европските земји поради недоволна супервизија голем број од осигурителните компании ја изгубија солвентноста, а со тоа и довербата на осигурениците - вели изјави Карл Ван Хуле, универзитетски професор од Белгија.
Во Македонија вакво сценарио е невозможно, сметаат од Агенцијата за супервизија на осигурувањето.
- Солвентноста на нашите осигурители компании е четири пати поголема од поставените маргини. Осигурителната индустрија е солидна, компаниите се капитализирани и имаат финансиска сила да ги финансираат превземените обврски и да ги сервисираат настанатите штети - вели Попоски.
Сепак, се уште не може да се каже дека македонскиот осигурителен пазар е развиен. Премијата по глава на жител изнесува 3.401 денар (55 евра) и е една од најниските во регионот, но како што вели Попоски, постојано се движи нагоре и е многу блиску до Бугарија, Турција и Србија, Црна Гора е на наше ниво, а зад нас се само Албанија и Косово.
Во насока на заштита на осигурениците, во АСО размислуваат за заштитни инструменти, како воведување на медијација при решавање на спорови со осигурителните друштва, формирање на финансиски правобранител, идеи што се во тек, а ќе се реализираат во соработка со МЕПСО, Народната банка и Комисијата за хартии од вредност.
Минатата година во Агенцијата за супервизија на осигурувањето пристигнале 148 претставки, од кои 50% од поплаките биле решени во корист на осигурениците и се однесувале во делот на автоодговорност во однос на европскиот записник.
Во моментов на осигурителниот пазар функционираат вкупно 15 друштва, од кои 11 во делот на неживотно и 4 во делот на животно осигурување. Предизвик за друштвата во идниот период е да се воведе и приватно здравствено осигурување што би се темелело на три столба: партиципација во јавното здравство, добивање на повисоко ниво на услуги и отворање простор за работење со приватни клиники.